Руската државна ТВ мрежа Раша тудеј (РТ), која американските разузнавачи ја опишуваат како главен меѓународен инструмент на Кремљ за пропаганда, му платила 45.386 долари на поранешниот директор на Одбранбената разузнавачка агенција Мајкл Флин да допатува во Москва и да одржи говор, објавува Јаху њуз, повикувајќи се на документ што го добиле на увид.
Флин, како што се наведува, дошол во Москва по повод прославата на десетгодишнината на оваа телевизија во декември 2015 година.
На сметка на руската Влада, Флин, кој минатиот месец беше отпуштен од функцијата советник за национална безбедност на претседателот Доналд Трамп, во друштво на синот, Мајкл Флин помладиот, престојувал три дена во Москва со покриени трошоци во хотелот Метропол покрај Црвениот Плоштад, се наведува во документот.
Агенцијата која го организирала патувањето зела провизија во висина од една четвртина од сумата, со што на Флин му останале 33.750 долари.
Овој московски ангажман на Флин бил еден од трите кои поранешниот директор на разузнавачката агенција ги добил од Русите откако е отупштен од Пентагон во 2014 година, и пред да стане дел од кампањата на сегашниот претседател Трамп.
За другите два ангажмани Флин е платен 11.250 долари,а трошоците ги покриле руските компании Волга – Дњепар, која се занимава со авионски транспорт и касперски безбедносни решенија, која се занимава со меѓународна технологија.
Демократите го обвинија Флин дека зел пари од РТ кого го финансира државата, и со тоа ги крши правилата на Пентагон кои налагаат дека пензионираните војници не смеат да примаат плата, подароци и хонорари, ниту да им бидат покривани патни трошоци од страна на која било влада.
– Не можам да се сетам на ниту еден случај во историјата на нашата нација кога претседателот избрал за национален советник за безбедност човек кој делувал противуставно, земајќи десетици илјади долари од агент на глобалниот противник кој ја напаѓа нашата демократија, напиша републиканецот Илајџа Камингс, во писмото до претседателот Трамп, до министерот за одбрана Џејмс Метис и до директорот на ФБИ Џејмс Коми.




