По иницијатива на грчката страна, во понеделникот се одржал телефонски разговор меѓу рускиот претседател Владимир Путин и грчкиот премиер Алексис Ципрас, при што рускиот челник, по одржаниот референдум во неделата со кој Грците ги отфрлија предлозите на доверителите, изразил надеж дека грчкиот народ ќе ги надмине тешкотиите, соопшти Кремљ чиј портпарол Дмитриј Песков истакна дека Москва ги почитува резултатите од плебисцитот, внимателно ја следи ситуацијата, но дека Атина доколку има потреба треба самата да ја побара.
„Се разговараше за исходот од референдумот во Грција за условите на меѓународните кредитори за финансиската помош на Атина, како и за некои прашања од натамошниот развој на руско-грчката соработка“, се вели во соопштението на Кремљ во врска со телефонскиот разговор меѓу рускиот претседател Владимир Путин и грчкиот премиер Алексис Ципрас и се додава дека Путин ја изразил својата „поддршка за народот на Грција во надминувањето на тешкотиите со кои се соочува земјата“.
Во меѓувреме портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, за медиумите изјави дека доколку на Грција ѝ е потребна помош, таа ќе мора самата да се обрати до Русија.
„Секако, многу внимателно ги следиме настаните, особено она што сега ќе се случува во Грција. Им посакуваме на нашите грчки партнери што поскоро да ги договорат неопходните компромиси со кредиторите и да преземат одлуки кои на најдобар начин ќе придонесат за економската и социјална стабилност на земјата“, го цитира агенцијата ТАСС Песков кој додал дека Грција е земја со којашто Русија има „долги историски и многу блиски врски, и најтесна повеќестрана соработка“.
Истовремено, според Песков, во Кремљ сметаат дека доколку на Грција ѝ е неопходна финансиска помош, таа треба самата да се обрати, но истакнува дека Русија досега не добила такво барање.
На прашањето дали Москва би можела да обезбеди финансиска поддршка за Атина, доколку не биде постигнат договор со доверителите, Песков препорачува „тоа прашање да ѝ се упати на Атина“. „Повеќепати рековме дека (….) досега немало такво барање за помош, и таа тема не фигурира во нашите билатерални контакти“, истакна портпаролот на рускиот претседател.
Според него, прашањето за помош за Грција не е ставено на агендата на самитот на земјите од БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република, петте најброзрастечки економии во светот), кој ќе се одржи во текот на седмицава во руска Уфа, но оти ова прашање може да биде дискутирано во текот на расправата за меѓународните прашања.




