Европската Унија (ЕУ) најави санкции за инволвираните страни, откако рускиот претседател Владимир Путин го потпиша указот за признавање независност на т.н. Доњецка и Луганска народна република.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и претседателката на Европската Комисија, (ЕК), Урсула фон дер Лајен најостро ја осудуваат одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да продолжи со признавањето на областите Доњецк и Луганск, кои не се контролирани од властите во Украина, како независни ентитети.
Овој чекор е очигледно кршење на меѓународното право, како и на договорите од Минск. Унијата ќе реагира со санкции против инволвираните во овој незаконски чин, се истакнува во заедничкото соопштение од Мишел и Фон дер Лајен.
Унијата ја повторува својата непоколеблива поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници.




