Овации за грчкиот премиер Алексис Ципрас на гласачкото место
Околу 35 отсто од гласачите досега се изјасниле на референдумот, а пред местата за гласање во Грција има редици, јавува приватната грчка телевизија Мега.
За да бидат валидни резултатите од референдумот, треба да гласале минимум 40 отсто од граѓаните со право на глас. Гласачките места денеска се отворени во седум часот наутро, и ќе останат отворени до 19 часот, а првите резултати се очекуваат околу 21 часот.
Грците гласаат дали ги прифаќаат рестриктивните мерки за штедење, во замена за странска финансиска помош за спасување на стопанството.
Прашањето на референдумот инициран од Ципрас, гласи: „Дали да се прифати нацрт договорот што го претставија Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд на средбата на Еврогрупата на 25 јуни 2015 и кој се состои од два документи и сочинува единствен предлог? Првиот документ е насловен Реформи за довршување на актуелната програма и по неа, а вториот Прелиминарна анализа на одржливоста на долгот“.
Според податоците на грчкото министерство за финансии, вкупниот износ на долгот на Грција на 1 април годинава изнесувал 312,7 милијарди евра.
Високиот одѕив на изборите е нормална појава во Грција, каде што гласањето е задолжително, иако тој закон во изминатите години не се применува строго.
Денешниот референдум во Грција е првиот по 1974 година, кога Грците гласаа за укинување на монархијата.




