Италијанците в недела на референдум ќе се изјаснуваат за промена на Уставот.
Главно прашање е предлогот на премиерот Матео Ренци за укинување на Горниот дом на Парламентот – Сенатот, и негова замена со Комора на регионални претставници која ќе има многу намалена моќ.
Владата, исто така, предлага преземање на некои од клучните овластувања за донесување одлуки од регионите, со што премиерот ќе добие поголема моќ и овластувања во спроведувањето на економските реформи.
Можна политичка криза
Аналитичарите предупредуваат дека е можно главна жртва на референдумот да бидат економски реформи и банките, иако не се исклучува и владина криза во земјата, откако премиерот Ренци се закани со оставка доколку реформата не помине. Ова пак, би поттикнало политичка нестабилност и ќе ги наруши финансиските пазари.
Премиерот Ренци го распиша рефернедмот, како единствена солуција, откако за овој негов предлог не успеа да обезбеди поддршка од две третини во Парламентот.
Планот на Ренци до лани имаше поддршка од 70 отсто од Италијанците. Но по неговата изјава, дека доколку тој не успее, ќе поднесе оставка, опозицијата го искористи тоа и почна кампања, гласање всушност да биде „за“ или „против“ неговото две иполгодишно владеење.
Референдум и против ЕУ
Доколку предлогот на Ренци не помине в недела, најголемиот хаос, аналитичарите го очекуваат во инвеститорскиот и банкарскиот сектор.
Ослабени од длабоката рецесија, која зад себе остави 356 милијарди евра проблематични кредити, на италијанските банки им се потребни најмалку 20 милијарди евра капитал во наредните месеци за да се покријат загубите.
Многумина од нив сметаат дека веројатноста за напуштање на еврозоната од страна на Италија сега е поголема од времето на кризата.
Според последното истражување на Сентикс, спроведено на 1.000 институционални и мали инвеститори од 24 до 26 ноември, 19,3 отсто од шансите се Италија да ја напушти еврозоната.
Италијанската доверба во ЕУ опадна по неодамнешната финансиска криза, а движњето Пет ѕвезди и опозициската Северна лига се противат на еврото.
Матео Салвини, водачот на италијанската анти-имигрантската Северна лига, изјави дека ќе се кандидира за премиер на следните избори и ги повика Италијанците да гласаат против и да се ослободат од еврото.
-Тоа беше погрешен експеримент. Заедничка валута за 18 различни даночни системи, различни правни системи, здравствени системи е неприроден експеримент. Имаме седуммина Нобеловци економисти, кои велат дека треба да му се стави крај на овој експеримент, изјави Салвини.
Истражувањето е објавено неколку дена пред Италијанците да се упатат кон гласачките места за да гласаат на референдумот за уставните реформи.




