По дводневните преговори во Брисел, одлучено е намалување на миграцијата и останување надвор од еврозоната, намалување на регулациите за поголема конкурентност на Европа на глобалниот пазар, како и воведување можност за намалување на социјалната помош за имигрантите од други европски земји, со што Велика Британија доби специјален третман од ЕУ.
-Не го сакам Брисел, ја сакам Британија. И мојата работа, работата на британскиот Премиер е да сторам се што е во моја моќ да ги заштитам интересите на Британија. Верувам дека сме посилни, побезбедни и подобри во реформирана Европска унија. И затоа јас ќе ја водам кампањата со срцето и со душата да ги убедам Британците да останат во реформираната Европска унија што ја договоривме, изјави Камерон.
Според европските лидери постигнувањето договор со Велика Британија е од огромно значење, бидејќи никому не е од интерес, која било земја да ја напушта Унијата.
– Веруваме дека со ова, Дејвид Камерон ќе води кампања за промовирање на продолжување на членството на Велика Британија во ЕУ, ваков договор, во суштина беше неговата цел, изјави германската Канцеларка Ангела Меркел.
Камерон го објави и датумот за референдумот кој тој го иницира а тоа ќе биде 23 јуни, кога Британците ќе треба да се изјаснат дали сакаат нивната земја да остане во рамки на реформираната Унија.




