Членот на Иницијативата за внатрепартиски реформи во ВМРО-ДПМНЕ, Александар Михајлоски, е во еднонеделна посета на Вашингтон, Соединетите Американски Држави каде има работни состаноци на високо ниво со претставници на Сенатот во САД, Конгресот и Стејт Департментот на САД.

Како што се вели во соопштението од иницијаторите за реформи во ВМРО ДПМНЕ,  во текот на вчерашниот ден, Михајлоски се сретнал со советниците на сенаторот Џон Меккејн, конгресмените Пол Мичел, Ренди Вебер, Доналд Бејер, Том Марино, Адам Смит, Патрик Тибери, Стив Стајверс и Робин Кели, како и високи претставници во Стејт Департментот.

Разговарале за актуелните политички случувања во Република Македонија и за активностите на Иницијативата за внатрепартиски реформи во ВМРО-ДПМНЕ.

-На сите средбите во Вашингтон беше разговарано за нашите внатрепартиски процеси кои се со цел демократизација и модернизација на ВМРО-ДПМНЕ и за возобновување на добрите односи со Републиканската партија како наш традиционален партнер. Од страна на нашите пријатели во Соединетите Американски Држави добив силно уверување за натамошно зацврстување на пријателството со Република Македонија и уште поголеми заложби за евро-атлантската иднина на Република Македонија. Среќен сум што САД во Македонија препознаваат вистински пријател и сојузник, поради што и дојдовме до заедничка согласност уште пове ќе да работиме на продлабочување и унапредување на пријателството и соработката, вели Михајлоски.