На иницијатива на хрватските пратеници во Европскиот парламент (ЕП) денес беше усвоена Резолуција на ЕП за ослободувањето на Шешељ од Хашкиот трибунал и во која се бара да се преиспита дали постојат услови за привременото пуштање на Шешељ од затворот.
Резолуцијата ја осудува воената реторика на Шешељ, говорот на омраза и охрабрување на територијалните претензии и обидите да се сопре европскиот пат на Србија. ЕП предупредува дека провокативните изјави на Шешељ отвораат рани од војната и се пречка за регионалното помирување и напредокот кој е постигнат во последните години.Српските власти и демократските партии во земјата се охрабруваат да ги осудат говорот на омраза и воената реторика и да работат за заштита на малцинствата и нивните права.
ЕП бара од српските власти да истражат дали Шешељ ги прекршил српските закони и да ги зајакне законите кои забрануваат говор на омраза, дискриминација и повици за насилство.
Иако Резолуцијата беше усвоена без проблем, претседателот на парламентарната група за Србија Едвард Кукан изјави дека тој гласал против Резолуцијата поради тоа што смета дека само ги зголемува тензиите во регионот а не обратно. “Разбирам во целост дека воената реторика и говорот на омраза се зло”, рече тој додавајќи дека со Резолуцијата на Шешељ му се дава значење кое тој не го заслужува.
Сепак мнозинството пратеници ја поддржаа Резолуцијата а хрватските пратеници беа најгласни во дебатата. Според Ружа Томашиќ, на оваа тема не би се разговарало доколку српските власти веднаш се оградиле до Шешељ и изрази разочарување од Хашкиот трибунал за кој рече дека не е ефикасен и дека е пристрасен. Според Андреј Пленковиќ, српскиот државен врв или се плаши од Шешељ или молчешкум се согласува со него.




