Одредени лидери во ЕУ имаат поглед на Западен Балкан како од 19 век, изјави американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања, Филип Рикер во интервју за Радио Слободна Европа.
Американскиот дипломат вели дека САД се разочарани од одлуката на европските лидери да не им се одобри почеток на преговорите за членство во ЕУ на Северна Македонија и Албанија.
Тој во интервјуто потенцира дека европската перспектива на земјите кои сакаат да бидат дел од Унијата, била клучна компонента на американската надворешна политика.
Според Рикер, САД го поддржуваат тој идеал на земјите и тоа го покажуваат во програмите за помош што им ги даваат на дипломатијата и поддршката на реформите, со цел овие држави да се движат во насока на европските интеграции.
– Сметаме дека тоа е во најдобар интерес на државите, регионот и на Европа и разочарувачко е да се видат одредени лидери кои на Западен Балкан имаат поглед како од 19 век, вели Рикер во интервју за РСЕ.




