Ленче Ристоска: Не е точно тврдењето на државниот обвинител Савески дека предметот „Талир 2″ ќе беше во мое надлежно постапување доколку не поднесов оставка.
Како обвинител за врски, согласно член 5 од Правилникот за предлагање и упатување на јавен обвинител за врски на Република Северна Македонија во Европравда, по правило можев да постапувам по предмети регистрирани и во надлежност на Канцеларијата за врски, а по исклучок, врз основа на одлука на државниот јавен обвинител, и по предмети по кои претходно сум постапувала.
Предметот „Талир 2″ не е предмет во надлежност на Канцеларијата за врски – во него постапував токму по тој исклучок, врз основа на одлука на државниот јавен обвинител.
Со повлекувањето на тоа овластување отпадна и правниот основ по кој постапував во овој предмет.
Оваа информација му беше соопштена на обвинителот Савески лично од мене, на состанок пред да ја поднесам оставката. Лично го известив и дека доколку ги повлече овластувањата по предметите по кои постапувам, ќе следи мојата оставка, а ги објаснив и причините за таквата одлука.
Така што, неспорно е дека мојата оставка беше моја одлука – но таа, меѓу другото, беше последица на одземањето на основот да ги работам предметите.
Извор: Фејсбук



