Околу 84 проценти од жените во руралните средини за време на пандемијата на коронавирус се соочиле со намалување на нивните економски приходи од земјоделските активности, а нивните производи и натаму остануваат непродадени. Речиси 54 отсто од жените во руралните средини немаат пристап до информации за можностите и финансиската поддршка што им се нуди, а работат по 11 часа на ден, работа што не е евидентирана и платена, покажуваат податоците на платформата „Рурална коалиција“.

„Рурална коалиција“ денеска на платформата „Зум“ го лансираше и презентираше првиот женски рурален е-пазар „Наша тезга“.

Животните приказни на нашите жени од руралните средини, традицијата на нашето домашно производство, палета од локални здрави земјоделски производи и преработки коишто треба да ја полнат трпезата на секој од нас, достапни на виртуелните тезги на првиот женски рурален е-пазар којшто е изграден врз основа на меѓусекторски партнерства што пак значи дека ваквиот пазар е граден низ заедничка соработка на бизнис заедницата, дарителската заедница, индивидуалните граѓани и институциите, велат од платформата.

Поради својата инклузивност е-пазарот „Наша тезга“, важи и за еден од успешните примери и во регионот на Западен Балкан.

Освен продажба на храна, на онлајн пазарот ќе може да се прочитаат и животните приказни на жените и за традицијата на земјоделското производство.

Ова е првата платформа којашто директно придонесува за унапредување на социјално-економската положба на жените од руралните средини.