Издадена е наредба за Русија да обезбеди неизвршување на смртната казна за двајцата Британци, заробени по борбата во Украина, соопшти денеска Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).

Суд во самопрогласената Народна Република Доњецк во текот на јуни ги осуди британските државјани Ајден Аслин и Шон Пинер на смрт, по обвинението за „платенички активности“.

ЕСЧП информираше за издадената наредба за привремена мерка до Русија, барајќи „да обзбеди да не биде извршена смртната казна изречена на подносителите на барањата и да обезбеди соодветни услови за нивниот притвор и да им ја даде сета потребна медицинска помош и лекови“.

Семејствата на Британците негираат дека тие двајца, ангажирани во украинските вооружени сили, биле платеници.

Велика Британија досега одбиваше јавно да допре до властите во Доњецк, чија независност ја признава само Русија, тврдејќи оти се надева дека Киев може да обезбеди тие да бидат пуштени на слобода.