Американскиот претседател Барак Обама најави нормализирање на односите со Куба и менување на пристапот во односите меѓу двете земји.
Според новите промени, предвидено е отворање американска амбасада во Хавана и постепено укинување на повеќедецениското трговско ембарго.
Кубанскиот претседател Раул Кастро исто така јавно посочи дека неговата земја се согласила да ги обнови односите со Америка.
Најавите дека многу е можно Обама да ја посети Куба и најавата за укинување на ембаргото, ги разгневи републиканците. Новиот шеф на Комитетот за надворешни односи на Сенатот, републиканецот Роб Коркер најави дека новиот состав на Конгресот детално ќе ги разгледа последиците од ваквата голема промена на политиката.
Од друга страна, оваа нова промена беше поздравена од генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун, Европската унија, Папата Франциско, како и од повеќето земји во светот.
Русија изрази надеж дека САД целосно ќе ги укине санкциите кон Куба и „останатите земји“, а Европската унија смета дека договорот претставува „победа на дијалогот над конфронтацијата“.




