Руското Министерство за одбрана вечерва соопшти дека челичарницата Азовстал во Мариупол е целосно ослободена.

„Територијата на металуршката фабрика Азовстал во Мариупол, каде група на украински милитанти од нацистичката формација „Азов“ беше блокирана од 21 април годинава, е целосно ослободена“, изјави вечерва портпаролот на руското Министерство за одбрана, генерал-мајор Игор Конашенков.

„Последната група се предаде денеска“, додаде тој.

Руските медиуми пренесоа дека министерот за одбрана, Сергеј Шојгу веќе го информирал претседателот Владимир Путин за завршување на операцијата и целосното ослободување на Азовстал и градот Мариупол од украинските сили.

Министерот Шојгу кажа дека подземните објекти во фабриката се под контрола на руски војници.

Министерството за одбрана соопшти дека 2.439 неонацисти од „Азов“ и украински војници заглавени на територијата на фабриката го оставиле оружјето и се предале. Последната група од 531 милитант се предала денеска.

Украинската страна сè уште не одговори на веста на руското МО.