Марина Овсјаникова, антивоената новинарка која синоќа се појави зад водителката на ударните вести во живо на руска телевизија со транспарент на кој јасно пишуваше „Не војна, запрете ја војната, не ѝ верувајте на пропагандата, тие овде ве лажат“ се огласи преку Твитер. Напиша дека не знае што ќе се случи со неа и оти се соочува со затворска казна меѓу пет и 10 години, меѓутоа не се кае за стореното.
Бројни луѓе, меѓу кои и светски државници, ѝ упатија поддршка на Твитер. Овсјаникова беше приведена веднаш штом се појави во кадар на вестите.
Нејзиниот глас можеше да се слушне за време на вестите, пред директорот да ги прекине и да пушти претходно снимен материјал.
Овсјаникова претходно сними видео во кое настаните во Украина ги нарекува „злосторство“ и рече дека се срами да работи за, како што рече, пропагандата на Кремљ.
„Се срамам што дозволив себеси да кажувам лаги на телевизиските екрани. Се срамам што дозволив Русите да бидат претворени во зомби , рече Овсјаникова.
Таа го повика рускиот народ на протести против војната оти, според неа, само така може да се „запре лудилото“.




