Во Русија е развиена вакцина против коронавирус за деца, која најверојатно ќе биде именувана „Спутник М“, а буквата „М“ доаѓа од зборот „малите“. Ова го објави Александар Гинзбург, директор на Центарот Гамалеја, кој ја разви вакцината Спутник В, пренесува РИА Новости.

Центарот веќе доставил документи до руското Министерство за здравство за регистрација на вакцината.

Имунизацијата на децата ќе биде доброволна, ќе се прави само со согласност на родителите или старателите, изјави рускиот заменик министер за здравство Алексеј Кузнецов.

Во меѓувреме во земјата, бројот на смртни случаи за првпат од почетокот на пандемијата надмина 1.000 лица за едно деноноќие. Рекорд е регистриран и кај новозаразените – повеќе од 33.200 случаи, соопшти оперативниот штаб за борба против ширењето на инфекцијата со коронавирус.

Рускиот министер за здравство Михаил Мурашко уште еднаш истакна дека вакцинацијата е најдобриот начин за заштита од коронавирус. 0,03 е процентот на вакцинирани меѓу тешко болните пациенти. Скоро и да нема вакцинирани лица меѓу починатите од вирусот, пишуваат руските медиуми.