Руски хакери од нивното воено разузнавање влегле во американскиот избирачки систем пред претседателските избори во САД во 2016 година.
Американскиот он-лајн медиум The Intercept објави таен, класифициран документ на американската Агенција за национална безбедност НСА во кој се вели дека хакери од руското воено разузнавање се обиделе да влезат во американскиот избирачки систем пред минатогодишните претседателски избори.
Тајниот документ открива дека операцијата поврзана со руската разузнавачка агенција ГРУ ги имала за цел американските приватни компании кои вршеле регистрација на гласачите. Извештајот укажува дека хакерите од Русија добиле и сочувале пристап до повеќе елементи во избирачките совети на САД.
Министерството за правда на САД соопшти дека за вчерашното објавување на документот бил уапсен еден вработен во националното разузнавање.




