Руските сајбер напади претставуваат голема закана за Соединетите Држави, оценија шефовите на американските разузнавачки агенции во сенатскиот Комитет за оружени сили. Според американските медиуми, биле идентификувани и Русите кои му обезбедувале на Викиликс хакирани мејлови од Демократската партија.
На сослушувањето во Комитетот на чие чело е републиканецот Џон Мекејн, кој е голем критичар на рускиот претседател Владимир Путин, беше нагласено дека Москва е голема закана за американските интереси поради, како што беше кажано, „многу напредната офанзивна сајбер програма, како и софистицираните можности“.
Шефот на разузнавачките служби Џејмс Клапер, кој координира 17 американски агенции, изјави дека највисоки претставници на руската влада стоеле зад мешањето во американските претседателски избори.
Таков став зазеде и портпаролот на Белата куќа Џош Ернст, кој рече дека пртетседателот Барак Обама проблемот го сфаќа многу сериозно.
Американските медиуми јавуваат дека американските разузнавачки агенции ги идентификувале русите кои давале хакирани мејлови за Викиликс во напорите да се влијае врз претседателските избори во САД.




