Руското Министерство за надворешни работи демантира дека американскиот претседател Доналд Трамп им открил на високи официјални руски претставници доверлива информација за време на посетата на Сергеј Лавров во Вашингтон, како што објави весникот Вашингтон пост.
Портпаролката Марија Захарова на Фејсбук напиша дека тврдењата се “уште една измислица“.
Кремљ, наводите на медиумите ги нарече „целосни бесмислици“.
-Тоа не е тема за нас, само е последното парче од бесмислицата. Не сакаме да имаме ништо со тоа, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
Вашингтон пост повикувајќи се на американски официјални лица, објави дека Трамп на Лавров му открил многу доверлива информација за време на средбата минатата недела за Исламската држава и со тоа потенцијално го загрозил разузнавачкиот извор.
Весникот објавува дека информацијата која Трамп му ја кажал на Лавров и на рускиот амбасадор во САД Сергеј Кисљак е добиена од партнер на САД преку чувствителен разузнавачки партнерски договор.
Партнерот во договорот не им дал дозвола на САД да ја споделат информацијата со Русија, а официјални лица изјавија дека одлуката на Трамп тоа сепак да го направи претставува ризик за идната соработка со сојузникот, кој има пристап до внатрешните кругови на Исламската држава, пишува Вашингтон пост.
По средбата на Трамп со Лавров, еден високо рангиран претстваник на Белата куќа презел мерки за да ја намали штетата и ја повикал ЦИА и Националната безбедносна агенција.
Од ЦИА одбиле да коментираат, додека во Агенцијата не сакале да одговорат на барањето за коментар.




