Почетокот на судскиот процес против обвинетите за организирање на настаните на 27 април 2017 година пред Собранието, закажан за денеска, се одложи за 26 февруари на барање на одбраната. Како што беше образложено, одбраната немала можност да направи увид во сите докази на Обвинителството, кои биле дел од претходно судење поврзано за настаните од 27 април.
Шефицата на Основното јавно обвинителство за организиран криминал Вилма Русковска, по денешното рочиште изјави дека одбраната сама признала дека сите докази им се дадени во пишана форма, освен податоците од мобилните оператори за листата на дојдовни и појдовни повици.
„Лично сметам дека ова е само во насока на одложување на постапката“, рече Русковска пред новинарите.
Таа кажа дека одбраната со последните дополнителни поднесоци има побарано да им се прифатат по околу 300 сведоци од обвинет, но додаде дека смета оти Судот не треба да ги прифати, без притоа да се наруши правото на одбрана.
Адвокатот на поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, Јордан Апостолски по завршување на денешното рочиште рече дека бараат да се дознае вистината за неговиот клиент.
„Нема никакви докази дека има каква било вмешаност. Сметаме дека обвинението е на стаклени нозе со цел само да се оцрни клиентот“, изјави Апостолски.
Според него, Обвинителството не направи напори да се дознаат вистинските сторители. Тој ги негираше тврдењата на Русковска дека бранителите предложиле по околу 300 сведоци од обвинет, посочувајќи дека за неговиот клиент се предложени десетина сведоци.
За насилствата во Собранието од 27 април во 2017 година оод обвинение во предметот се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.





