Со „соодветен одговор“ се закани Северна Кореја доколку САД не се извини за обвинувањата дека тие стојат зад хакерскиот напад на „Сони Пикчрс“.
Пјонгјанг соопшти дека поседува докази дека американската администрација била длабоко вмешана во продуцирањето на филмот „Интервју“, бидејќи сценариото е напишано според препораки на Стејт департментот.
Северна Кореја ги обвини САД дека се „главен виновник за тероризмот“, кои создаваат заговори кои ги кријат зад производството и зад дистрибуцијата на филмови за да го дестабилизираат светот.
– Нашите контранапади ќе бидат насочени кон Белата куќа, Пентагон и кон целата територија на САД, ѓубралникот на тероризмот, соопшти Пјонгјанг.
„Сони Пикчрс“ се најде на мета на хакерските напади поради филмот „Интервју“, во кој се говори за измислен атентат врз лидерот Ким Јонг-ун.
Од друга страна адвокатот на корпорацијата „Сони“, Дејвид Боjс соопшти дека компанијата нема намера да се откаже од прикажувањето на филмот.
– Ќе ја пуштиме лентата на екран. На каков уред се уште не може да се каже, но тоа ќе се случи, рече адвокатот.
Тој смета дека проблемот кој се јави по филмот „Интервју“ помеѓу Пјонгјанг и Вашингтон, е прашање на националната безбедност а не на компанијата.




