Од Вашингтон, дописникот на НОВА, Биљана Секуловска
Синтија е вработена во јавниот транспорт. Таа е Афро-Американка и горда на своите корени, на своето потекло, на напорот кој го прави за да биде чесен, лојален граѓанин на американското општество.
Демократ е по убедување, таа ги подвлекува своите ставови како либерални- ги цени демократските вредности, еднаквоста, слободата, човековите права. Синтија, која ја сретнав во автобус и ја интервјуирав за нејзините ставови за изборите и за двајцата кандидати Хилари Клинтон и Доналд Трамп, имаше униформа како работник во јавниот транспорт, токму заради работната облека, не можеше да ми го каже своето презиме, ниту пак да ми дозволи да ја снимам.
Но, затоа, инсистира дека Хилари Клинтон е најдоброто решение за оваа земја, за САД, еднакво како и за светот.
Како вели Синтија за Доналд Трамп- јас не му верувам воопшто, навистина се плашам, дури мислам дека е зол човек. Не би му дала да се приближи до нуклеарно копче, човеку, не знаеш што не очекува со него. Конечно, Трамп не е близок до интересите на средната класа, уште помалку на ниската, но погледајте му ги ставовите за абортусот- дури и да сте силувани, тој отфрла можност за абортус. Моите пријатели, моето семејство, сите ние сме Демократи. А Доналд Трамп мислам дека е идниот лидер на Кју Клус Клан, Синтија врти со главата и ми го шепка ова последново значајно.
И навистина, Синтија е претставник на пониската средна класа, но сосема е добро упатена и информирана за политичката борба и перспективите кои и се нудат со Клинтон и Трамп. Скоро еднакво свесна и информирана, иако се разбира не во детали, нијансите се сепак многу значајни, но суштината е погодена, блиски ставови како еден врвен интелектуалец- Елеонора Каранфиловска, поранешна македонска амбасадорка, дел од Кабинетотна претседателот Киро Глигоров и поранешна новинарка.
Каранфиловска живее во Вашингтон, поточно во Чеви Чејс, Мериленд една деценија. Таа не само што е убеден Демократ, туку и е декларирана, запишана е како гласач кој е приврзаник на оваа партија.
Како вели Каранфиловска- ја подджувам Хилари Клинтон не само заради тоа што сум Демократ, туку и застанувам зад се што таа се застапува. Трамп не го доживувам како кандидат на Републиканците, тој не ги претставува нивните ставови. Изненадена сум како дојде до оваа позиција, да биде нивен кандидат за претседател.
Кога станува збор за клучните поенти на политички ставови, инсистирам Каранфиловска да ги прецизира. Го става правото на жената на своето тело на прво место, право на абортус, она за што Хилар Клинтон се залага, она што Доналд Трамп го отфрла. Право на еднакво плаќање – родова еднаквост, тоа се позициите на Клинтон, Каранфиловска се фокусира на основните човекови права, како правото на прифатлива здравствена грижа. Кога би се објаснила поедноставно, се работи за правична здравствена грижа, иако точната формулација е прифатлива за сите граѓани, дури и за најсиромашните, кои не се финансиски моќни да плаќаат еднакво со средната класа, затоа градацијата во даночниот систем исто така е правична во политиките на Клинтон, како и правото на високо образование- бесплатно или прифатливо.
Каранфиловска говори и за правата на имиграцијата, фокусот на Клинтон е легализација на статусот на нелегалните имигранти и нивните деца. Сосема спротивно од политиките на Трамп. Тој најавува комплетно редефинирање на надворешната политика, на учеството на Америка и улогата во светските организации и институции, НАТО, ОН/ да се откаже од членство или да се редефинира оваа улога, Повторно преговарање на трговските договори со партнерските земји за кои смета дека сега се на штета на САД.
Како вели Каранфиловска конечно- Трамп дури најавувашедека не би се воздржал да употреби нуклеарно оружје.
Нема концепт, таа го заокружува профилот на Трамп- туку нафрлање на запалливи идеи.
Затоа пак, подвлекува Каранфиловска: Клинтон ја гледам како континуитет на политиката на Обама. Но, без оглед кој ќе победи на изборите, гледам големи поместувања на политичката сцена во Америка- Републиканската партија ќе мора да се редефинира а Демократската да се врати на базичните постулати- демократските вредности.
Овие неколку денови направив неколку интервјуа со луѓе кои ја претставуваат т.н обична Америка и какво разочарување, не можам да наидам на човек како случаен избор, кој би ги застапувал гледиштата на Трамп и конечно и би го поддржал. Треба да договорам такво интервју, но тоа веќе е поинаков концепт, наспроти случајниот избор кој ме става во недоумица- дали е во прашање Вашингтон, либералниот Вашингтон или пак се движам во тесен круг на луѓе, шест степени на поделба? Но, интервјуирав такси возач од Етиопија, полицаец кој регулираше сообраќај од Вашингтон, студентка од Пакистан, богата банкарка… Каде се гласачите на Трамп? Во Пенсилванија, која е на граница на Мериленд, најблиското место е вистинското место за борба, едно од одлучувачките. Тоа е едно од изборните места кое ќе ни го даде одговорот- со кој претседател ќе се разбуди светот на 9 ноември.