Американските власти денеска ги повикаа „балканските земји и народи“ заеднички да работат на изградба на подобра иднина, како реакција на пресудата на поранешниот командант на Војската на Република Српска Ратко Младиќ, кој првостепено е осуден на доживотна затворска казна.

– Вашингтон ја поддржува важната работа на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија и ги почитува неговите одлуки, изјави неименуван портпарол на Стејт департментот, пренесуваат американските медиуми.

– Ќе продолжиме да оддаваме почит на жртвите на ужасните злосторства направени на тлото на поранешна Југославија, додал портпаролот и повикал да се избегнува „секаква реторика која раздвојува“.

Меѓународниот трибунал за воени злосторства за поранешна Југославија денеска го осуди на доживотен затвор поранешниот воен командант на босанските Срби, генерал Ратко Младиќ под обвинение за геноцид и злосторства против човештвото.