САД и Русија во рамките на средбата помеѓу лидерите Барак Обама и Владимир Путин се согласија дека граѓанската војна во Сирија треба да заврши преку дипломатија, но прашањето за тоа дали претседателот на земјата Башар ал-Асад треба да остане на власт и понатаму останува отворено.
За време на средбата која траеше околу 90 минути, американскиот и рускиот претседател се договориле дека нивните сили треба да избегнат конфликт во Сирија, откако Русија изминативе недели го засили присуството таму.
САД, Франција и земјите од коалицијата против ИСИС, и понатаму ги бомбардираат позициите на џихадистите со цел да ги повратат деловите од Сирија и Ирак кои ИСИС ги зеде прогласувајќи Исламски калифат.
Зборувајќи по средбата, Путин порача дека ги разгледуваат дополнителните можности за зајакнување на сиријската влада и курдските сили против ИСИС.
– Размислуваме што понатаму можеме да направиме за да им помогнеме на терен на оние кои се борат против терористите, изјави Путин кој негираше дека Русија ќе испрати свои сили на терен.
Од друга страна, претставник на американската администрација изјави дека Русија ја разбрала потребата од политичко решение.
– Русија ја сфатија потребата од политичко решение на конфликтот во Сирија, и дека треба да се започне со процес кој ќе донесе политичко решение, изјави тој за американските медиуми.
Односите меѓу двете земји се заострија откако Москва го анексираше Крим од Украина во март минатата година.
Обама пак рече дека е подготвен да соработува со Русија и Иран за да ја завршат четири-годишната граѓанска војна во Сирија, во која над 200.000 луѓе загинаа а милиони други ги напуштија домовите.
Сепак за лидерите од Западот, меѓу кои и Барак Обама, ал-Асад е диктатор во кој иднината на Сирија никако не смее да се гледа.




