На самитот во Брисел Европската унија и Турција вчера ги договорија основите на можниот договор за враќање илјадници мигранти во Турција. Турција и ЕУ на 17 и 18 март, на нов самит. повторно ќе се вратат на оваа тема и ќе ја разработат.
Според белгискиот премиер Шарл Мишел, бегалската криза не беше решена на овој самит што траеше над 12 саати, но беше направен добар чекор во вистинската насока.
ЕУ вчера оцени дека предлогот понуден од Турција за враќање на еден илегален мигрант за секој бегалец кој ќе биде прифатен од ЕУ како почеток на, според нивните очекувања, конечен договор во идната недела.
„Вистината е дека Турција на самитот дојде со атрактивни предлози и верувам дека многумина беа изненадени“, изјави грчкиот премиер Алексис Ципрас.
Германската канцеларка Ангела Меркел, британскиот премиер Дејвид Камерон, претседателите на Европската комисија и на ЕУ Жан Клод Јункер и Доналд Туск, рекоа дека предлогот на Турција е пробив кој преку дополнителна работа ќе доведе до ефикасен план.
Според Туск кој е задолжен да ги договори деталите на спогодбата со Турција, деновите на нерегуларната миграција во Европа завршиле. Покрај ваквата размена на мигранти за бегалци, Турција побара и двојно повеќе финансиска помош од претходно ветената од 3 милијарди евра.




