Борбата против тероризмот, трговијата, миграциите и климатските промени се дел од темите кои ќе доминираат на дводневниот само на седумте индустриски најразвиени земји Г-7 што се одржува на Сицилија.
И додека за мерките за борба против тероризмот се очекува лесен договор, разликите во ставовите за климатските промени и трговската размена меѓу американскиот претседател и другите лидери се големи.
Германската канцеларка, јапонскиот и канадскиот премиер на ваквите собири се веќе ветерани, а за четири лидери, вклучувајќи го и домаќинот, италијанскиот премиер Паоло Џентилони ова е прв самит на Г-7. Сепак, сите очи се вперени во претседателот на САД, пред се поради неговата најава за напуштање на договорот од Париз за климатските промени, што предизвика протести на активистите на Оксфам и Гринпис. Меѓутоа Трамп повеќе го привлекува второто прашање. Со јапонскиот премиер се согласиле за продолжување на санкциите кон Пјонгјанг.
-Конкретно, ќе се фокусираме на проблемот на Северна Кореја, кој е голем, глобален и ќе најдеме решение во еден момент. Може да се обложите на тоа”, изјави Трамп.
Другите лидери на Г-7 се загрижени дека Трамп би можел да ја промовира протекционистичката агенда во трговијата. Германскиот магазин Шпигел ја пренесе неговата изјава од Брисел каде ја критикуваше продажбата на германски автомобили во САД, велејќи дека Германците биле “многу лоши”. Сепак европските претставници појаснија дека неговите изјави не биле толку остри и дека се работи за проблем со преводот. И други прашања сега се помалку контроверзени.
-Мојот став е дека по прашањето за Украина може да се најде заеднички став со САД. Мислам дека е реално да се постави заедничка политика кон Русија, вклучувајќи и санкции, изјави претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.
Во меѓувреме, активисти на еколошката организација “Гринпис” и “Оксфам”, протестираа против климатските промени, како едно од најпроблематичните прашања на агендата на дводневниот состанок.
Активистите на “Гринпис” во осум кајаци на морето раширија транспаренти со пораки како “Планетата Земја на прво место”.
На брегот открија Статуа на слободата висока четири метри со појас за спасување, како симбол на страдањето на мигрантите и заканите од зголемувањето на нивото на морето кое според нив е резултат на климатските промени.
Активистите на “Оксфема“ носеа маски од седумте лидери и транспарент на кој пишуваше “Договорот од Париз “, чие напуштање беше најавено од страна на претседателот на САД, Доналд Трамп.




