Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека од Парламентот ќе побара да поддржи последно двонеделно продолжување на вонредната состојба до 21 јуни, јави „Ел Паис“. Вонредната состојба, која беше воведена на 14 март, беше продолжена пет пати, а е во сила до 7 јуни.
За време на видео конференцијата со регионалните лидери, Санчез рече дека ова ќе биде последно продолжување на мерките, „со оглед дека бројот на новозаразени со коронавирусот драстично се намалува“.
Бројот на починати во Шпанија вчера се зголеми за четири и сега изнесува 27.125, што е драматичен пад на бројот на жртви за еден ден. Со 286.308 заразени, Шпанија е на четврто место во светот по бројот на позитивни на коронавирусот.
Во Шпанија нови случаи на Ковид-19 после забави и поголеми собири
Поголемите собирања и забави се причина за ширење на коронавирусот во Шпанија, која се обидува да се врати во нормала после неколкумесечниот карантин поради епидемијата, пишува весникот „Ел Паис“.
Како што се наведува, на една роденденска забава се заразиле 18 лица и сега мора да бидат во самоизолација, а во помалку случаи имало и ширење на заразата и на семејни собири.
– Една невина забава може да заврши со епидемија, изјави Фернандо Симон, директор на Центарот за координација на Министерството за здравство.
Сепак, како што додаде, некои случаи не се толку „невини и се случиле по јасно кршење на правилата“.
– Затоа шпанските власти постојано ги повикуваат граѓаните да не престануваат да се штитат и строго да се придржуваат кон мерките во секоја фаза. Тоа е причината зошто сите не сме веќе во новата нормалност, рече Симон.




