Саудиските жени сега имаат право да отвораат сопствени бизниси, без да бараат согласност од старателот од машки пол, соопшти владата, која се надева дека на тој начин ќе го стимулира приватниот сектор.
„Сега жените можат да основаат сопствени бизниси и да ги користат интернет услугите, без да е потребно да докажуваат дека имаат согласност од свој старател”, објавено е на сајтот на Министерството на трговијата и инвестициите.
Досега Саудијките требаше да достават доказ дека имаат дозвола од свој старател од машки пол, за да можат започнат со административната процедура.
Од минатата година, влијателниот 32-годишен саудиски престолонаследник Мохамед бин Салман спроведе серија реформи за стимулирање на учеството на жените во јавниот живот. Целта е до 2030 година процентот на вработени жени во Саудиска Арабија да порасне од сегашните 22 на повеќе од 30 проценти.




