Опозициската СДСМ оценува дека 2026 година ќе биде економски тешка за граѓаните, со буџет кој, според партијата, веќе покажува сериозни дупки и недостиг од средства за клучни социјални и економски мерки.
Во буџетот нема пари за зголемување на платите, нема средства за минимална плата од 600 евра, нема пари за намалување на високите цени. Веќе недостасуваат околу една милијарда евра, а сè е поскапено, соопштуваат од СДСМ, додавајќи дека најавеното поскапување на електричната енергија ќе повлече нов бран зголемување на цените.
Од партијата наведуваат дека владата на ВМРО-ЗНАМ, поради претстојните избори, ќе се обидува да ги „замачкува очите на граѓаните“ со краткорочни мерки и манипулации, без реално решение за економските проблеми.
Се најавува минимално зголемување на пензиите, кое инфлацијата веќе го изеде. Тоа е мерка што и служи на власта само за да купи социјален мир до изборите, се наведува во соопштението.
СДСМ критикува и најави за капитални проекти, како набавка на електрични локомотиви, оценувајќи дека тие се нереални во услови кога државата се соочува со недостиг на електрична енергија. Според партијата, ветувањата се насочени кон краткорочно освојување гласови, бидејќи, како што тврдат, власта ја губи поддршката од граѓаните.
Во соопштението се предупредува дека по изборите ќе се отворат прашања за финансиското покривање на буџетските дупки, при што СДСМ обвинува дека решението се гледа во договори поврзани со мигранти.
Шест милијарди за покривање на буџетските дупки, уште 1.161 тендер, ортаклук на ВМРО-ЗНАМ и испумпување пари од граѓаните, се наведува во реакцијата.
СДСМ изразува загриженост и за безбедносниот аспект, наведувајќи дека власта веќе не е способна да обезбеди соодветна безбедност дури ни со сегашниот број мигранти, потсетувајќи на неодамнешни инциденти во кампот во Табановце и на тепачката за Нова година на плоштадот во Скопје.
Нема место за ксенофобија, но има место за јасна борба против криминалот и корупцијата, порачуваат од СДСМ, додавајќи дека измените на Законот за странци и најавите за ангажман на странска работна сила отвораат сериозни прашања за иднината на државата и европската перспектива.
Партијата заклучува дека 2026 година ќе ја покаже вистинската цена на политиките на власта, со долгови што, како што наведуваат, ќе ги отплаќаат идните генерации.




