По обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ за прекинот на струјата, од СДСМ возвратија со соопштение во кое побараа оставка и отчет од Мицкоски за судскиот случај „Титаник“.
– Заврши времето кога институциите се злоупотребуваа за партиски цели, Северна Македонија денеска е демократска и слободна земја. Ставовите на ВМРО-ДПМНЕ дека некој исклучил струја заради Мицкоски се на ниво на забагеност со која режимот 11 години злоупотребуваше институции, гасеше струја, лифтови, местеше сообраќајки, фалсификуваше лични карти, возвратија преку соопштение од СДСМ.
– Тоа во суштина е и признинето на врхушката на ВМРО-ДПМНЕ во предметот „Титаник“ и целиот криминал на режимот, велат од Бихаќка.
– Денеска Христијан Мицкоски требаше да даде отчет за Титаник, да поднесе оставка, да се извини и да побара враќање на парите кај граѓаните. Во однос на градоначалниците на ВМОР-ДПМНЕ јасно е дека се најнеспособните во историјата, за 100 дена не сработеа ништо, немаат ниту еден нивни проект.Бидејќи немаат што да кажат пред граѓаните денеска дадоа отчет пред нивниот партиски шеф Христијан Мицкоски, се наведува во соопштението од СДСМ.
Според СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ е истата режимска партија со истиот начин на размислување и делување управувана од двоецот Мицкоски – Груевски.