Власта на Никола Груевски создаде историски највисок јавен долг во Македонија од 4,7 милијарди евра или 50,6% од БДП, изјави денеска Драган Тевдовски, претседател на Комисијата за економија на СДСМ и член на Извршен одбор на СДСМ.
– Загрижувачка е брзината со која актуелната власт го зголемува долгот. Долгот по жител денес изнесува 2.350 евра и тој е за три пати поголем во однос на 2008 година кога изнесуваше 750 евра по жител. Во периодот од 2008-ма година, актуелната власт ја задолжува Македонија со по 1 милион евра на ден, односно го задолжува секој жител со по просек пола евро на ден. Оваа година, во 2016 година, темпото на задолжувањето е уште посилно и изнесува скоро 2 милиони евра на ден, односно 1 евро на ден по жител.
Згора на се јавниот долг е поголем од тоа што го кажуваат бројките на Министерството за финансии, бидејќи тие не го вклучуваат долгот на Народната банка, негарантираните долговите на јавните претпријатија и превземените, а неплатени обврски од страна на државата, рече Тевдовски на прес конференцијата.
– Нашата намера е да се откажеме од непродуктивните трошења за фасади, споменици и административни згради. Ние нема да дозволиме владини претставници да користат по 5 возила од администрацијата, туку напротив до работа и од работа и тие ќе одат со сопствено возило како и секој друг вработен во овие институции.
Нашиот прв чекор ќе биде граѓаните да имаат увид во тоа како се троши секој денар од државниот буџет. Нашата цел е да обезбедиме поголеми приходи преку посилно оданочување на најбогатите граѓани. Нашиот план е да воведеме независен Фискален совет и правила за јавниот долг кој ќе ги ограничи политичарите да се водат само од сопствениот интерес при донесувањето на одлуки за долгот, рече Тевдовски.




