Ќе бидат потребни „најверојатно 15 или 20 години“ за Украина да се приклучи на Европската Унија (ЕУ), изјави денеска францускиот министер за европски прашања, Клемент Бон, препорачувајќи Киев, во меѓувреме ,да се приклучи на европската политичка заедница, како што предложи претседателот Емануел Макрон.

„Човек треба да биде искрен. Ако кажеме дека Украина ќе влезе во ЕУ за 6 месеци, година или две, се лажеме. Тоа не е точно. Поверојатно е за 15 или 20 години, а тоа е многу долг период“, изјави Бон за Радио Ј, пренесува Хина.

Тој нагласи оти „не сака да им се продаваат илузии и лаги на Украинците“.

„Ако на Украинците им се каже „Добредојдовте во ЕУ“, но вие не сте ги прочитале ситните букви на дното на договорот, а тоа е за 15 години, мислам ќе разочараме цела генерација Украинци. Во меѓувреме, им должиме на Украинците политички проект во кој можат да влезат“, рече Бон.

Францускиот министер за европски прашања ги упати Украинците на Европската политичка заедница што е предложена од претседателот Емануел Макрон.

„Тој проект е „комплементарен на ЕУ“ и „може да понуди политички и конкретен проект на земјите кои не се во срцето на ЕУ и сакаат да се доближат до неа“, рече тој.

„Но, тоа не значи дека вратата е затворена, напротив, таа е отворена, заклучи Бон, укажувајќи на придобивките како што се „слободното движење во Европа“ и „делумните придобивки од европскиот буџет за обнова на Украина“ или можеби заедничката енергетска политика.

Прашањето за проширување на ЕУ со Украина, со Грузија и со Молдавија создава контроверзии и несогласувања во Унијата.