Најмалку 11 лица загинаа при пад на американски воен авион на аеродромот во градот Џалалабад, во источниот дел на Авганистан. Талибанците презеле одговорност тврдејќи дека го собориле авионот.
– Нашите муџахедини соборија еден американски авион во Џалалабад, објави портпаролот на исламистичкото движење Забиула Муџахид на Твитер.
САД засега не ја соопшти причината за уривањето на авионот.
Талибанците имаат практика да си припишуваат напади и да наведуваат поголем број жртви во своите напади.
Авионот Ц-130 „Херкулес“ се урнал околу полноќ по локално време.
Американскиот полковник, Брајан Трибас изјави дека шестмина од загинатите биле припадници на војската на САД, додека другите биле цивили, ангажирани врз основа на договори за работа со армијата.
Авионите „Херкулес“ се користат за превоз на трупи и на тежок терет, за потребата на армиските сили.
Околу десет илјади американски војници се уште се наоѓаат во Авганистан, врз основа изменетиот план за првично определеното брзо повлекување, што беше направен на почетокот од оваа година.




