Приватно вселенско летало, на компанијата „Вирџин галактик“ наменето за туристички летови, експлодираше за време на пробен лет и се урна во пустината Мохаве во Калифорнија.
Во несреќата загинал копилотот на леталото, а пилотот успеал да се катапултира, но е потешко повреден. Вселенското летало се исфрла со поголем авион на одредена висина, но набрзо потоа се јавила сериозна аномалија, поради која се случила несреќата.
Милијардерот Ричард Бренсон изјави дека е шокиран и тажен, но инсистираше на тоа дека ќе продолжи со летови во вселената.
Бренсон се надеваше дека неговата компанија ќе може да ги изведе првите приватни летови до работ на вселената во наредниве месеци, за што веќе се пријавиле околу 200 лица и покрај цената од 200 илјади долари по човек.




