Руски воен авион со 92 патници и членови на екипажот се урна утрово во Црното море на пат за Сирија.
Меѓу 84-цата патници имало руски војници, а 64 биле членови на Ансамблот Александров, официјалната музичка група на армијата, меѓународно позната како Хорот на Црвената армија, кои требало да учествуваат во новогодишната прослава во базата. Во авионот беа и осум членови на екипажот, соопшти Министерството за одбрана.
Локалните новински агенции, цитирајќи го Министерството, јавија дека авионот Ту-154 се урнал набрзо по полетување од јужниот град Адлер, јужно од познатото одморалиште Сочи во 5.40 часот по локално време.
Авионот бил на рутински лет до руската база Хмеимим близу сирискиот град Латакија, соопшти руското Министерство за одбрана. Досега во потрагата се пронајдени четири тела.
Од Кабинетот на рускиот претседател Владимир Путин велат дека постојано стигнуваат информации за трагедијата но дека е прерано да се даде оценка за што се работи.




