Дополнително се зголеми бројот на загинати во пожарите во источниот дел на областа Атика, откако 35 годишна жена, денеска им подлегна на повредите во една од атинските болници.
Со тоа бројот на официјално идентификувани жртви се искачи на 86 лица, од кои 81 идентификувани во Дирекцијата за криминални истраги на грчката полиција, а петмина починаа во болниците, додека пак постојат и две неидентификувани тела со достапна ДНК, но кои никој од нивните роднини не ги побарал.
Жената која денеска почина е сопругата на пожарникарот која се бореше за живот, а во пожарите го загуби и шестмесечното бебе.
Големиот интензитет на пожарите кои речиси во исто време избија и во западниот и во источниот дел на областа Атика, го прекинаа годишниот одмор на пожарникарот, кој бил итно повикан на работа. Додека тој се борел со огнените јазици и спасувал луѓе, го загубил неговото шестмесечено дете, а неговата сопруга, со тешки повреди, беше пренесена во болница.
Според грчките медиуми, бебето беше првата идентификувана жртва во катастрофалните пожари.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, останува нејасно дали во Дирекцијата за криминални истраги на грчката полиција завршиле со процесот на идентификација на телата.
На 29 јули, противпожарната служба на Грција, првпат официјално го соопшти бројот на исчезнати луѓе, а според тогашните информации 91 загина, а 25 се водеа како исчезнати.
Од одделението за судска медицина кои го водеа процесот на аутопсија, по завршувањето во петокот, изјавија дека била направена аутопсија на 86 луѓе. Во меѓувреме четири лица починаа додека беа на лекување во атинските болници.




