Светската здравствена организација почна глобална иницијатива за забрзан развој и рамномерна дистрибуција на вакцини, дијагностика и третман против Ковид-19. Иницијативата под име (АКТ) Aкцелератор e покрената со цел на меѓународно ниво да се забрзаат и координираат процедурите за развој и тестирање на вакцини и лекови против новиот коронавирус.
Првиот човек на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус изјави дека подеднакво важно е средствата за борба против Ковид-19 , еднаш кога ќе бидат достапни, рамномерно да се распределат на сите во светот.
Попладнево се одржа прва глобална виртуелна конференција. Домаќин Гебрејесус, а свое присуство и обраќање имаа 15-ина светски лидери, како Меркел, Макрон, Лајен, Конте, Санчез, првиот човек на Обединетите Нации, Антонио Гутереш..
Првиот тест лидерите ќе го имаат на 4-ти мај, кога е планирано да се обезбедат 7 и пол милијарди евра за побрзо и поефикасно доаѓање до вакцина.
„Ова е придобивка од јавното здравје за целото човештво“, рече германската канцеларка Ангела Меркел на виртуелниот форум, истакнувајќи дека треба да се соберат осум милијарди евра.
Макрон изрази надеж дека САД и Кина ќе ги надминат разликите во поддршката на иницијативата. „Не треба да има поделба меѓу земјите“, рече тој.
Урсула фон дер Лејен рече дека официјалната донаторска конференција ќе се одржи на 4 мај, со цел да се соберат 7,5 милијарди евра.
Портпаролот на американската мисија во Женева пред состанокот изјави за Ројтерс дека САД нема да учествуваат.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, го критикуваше СЗО, велејќи дека бавно реагирала на епидемијата и е во прилог на Кина и затоа одлучи да го прекине финансирањето на агенцијата на ООН.




