Осумнаесет пожари избувнаа во различни региони на Албанија во последните 24 часа, јави агенцијата АТА, цитирајќи податоци на службата за вонредни ситуации.

Со огнената стихија се борат над 154 пожарникари, 30 противпожарни возила, 54 доброволци, 50 војници, единици на силите за брза реакција, како и хеликоптери.

Службата за вонредни ситуации и Министерството за внатрешни работи ги повикуваат граѓаните да јават за секој оган што ќе го забележат.

Пожарникарите успеале да го совладаат пожарот во селата Иба и Хекал, во регионот на Тирана, што избувнал во борова шума и бил проширен од силните ветрови, што им се заканиле и на неколку куќи.

И хрватското приморје повторно гори, овој пат пожарникарите се борат против пожарот кој избувна вчера вечерта на локалната депонија во стариот дел на островот  Хвар. Пожарот го гаснат 30 пожарникари и 10 против пожарни возила.

Локалните медиуми пишуваат дека пожарот кој избувнал во депонијата брзо се проширил и ја зафатил боровата шума, но за среќа нема повредено луѓе или изгорено објекти.

Хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ, вчера на својот профил на „Твитер“ ја објави прелиминарната проценка на штетата од пожарите во сплитскиот регион која, без изгорените шуми, изнесува 42,4 милиони куни (околу 5,75 милиони евра).

Во изминативе недели пожари беснеат на целиот Балкански полуостров и генерално секаде на Медитеранот. Шпанија, Португалија, Италија, Грција, Црна Гора, Хрватска, Албанија се дел од земјите кои се борат со времето – од пожари до поплави.