Јужна Кореја верува дека недостигот на храна во Северна Кореја се уште е сериозен и оти на земјата и е потребна странска помош, и покрај медиумските извештаи дека цените на оризот паднале, соопшти денеска јужнокорејското Министерство за обединување на двете Кореи.
Некои медиуми тврдат дека цените на оризот на севернокорејскиот пазар во последно време паднале, сугерирајќи и дека земјата можеби и не се соочува со толку сериозен недостиг на храна како што сметаат агенциите на ОН.
– Запознаени сме со проценката на Светската програма за храна и Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) како официјални и објективни показатели, изјави портпаролот на Министерството Ли Санг-мин.
Според него, „со оглед на природата на севернокорејскиот режим, се смета дека постојат многу ограничувања за реалната проценка на ситуацијата со храната“.
– Нашиот став дека е неопходно да се обезбеди храна за Северна Кореја останува непроменет, рече Ли.
Претходно месецов, Светската програма за храна и Организацијата за храна и земјоделство соопштија дека храна итно е потребна за 10 милиони луѓе, или околу 40 проценти од населението.
Во меѓувреме, Северна Кореја соопшти дека земјата е погодена со суша, најголема во последните 40 години.
Државната корејска централна новинска агенција КЦНА објави дека во земјата во просек паднале 54,4 милиметри дожд за првите пет месеци од оваа година, што е најниско ниво уште од 1982 година.
Се очекува сушата да трае до крајот на мај.




