Севернокорејското Министерство за надворешни работи соопшти денеска дека кон крајот на овој месец ќе одржи церемонија на затворање и уништување на комплексот за нуклеарно тестирање.
Зависно од временските услови, уништувањето на комплексот ќе се спроведе меѓу 23 и 25 мај, со цел да се одржи ветувањето дека Пјонгјанг ќе прекине со нуклеарните тестирања. Предвидено е тој настан да биде симболичен и драматичен, со што ќе постави основа за средбата меѓу севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун и американскиот претседател Доналд Трамп, која е закажана за 12 јуни во Сингапур.
Министерството наведува дека сите тунели на полигонот Пунгери ќе бидат уништени со експлозиви, а ќе бидат отстранети и набљудувачките и истражувачки објекти, како и копнените единици.
Северна Кореја планира да им испрати покани на новинари од САД, Јужна Кореја, Кина, Русија и Велика Британија, кои ќе можат да присуствуваат на настанот.




