Епидемијата на коронавирус ги продлабочува постојните поделби во светот, кинеско-американското ривалство и на крајот го ослабнува мултилатерализмот, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дријан, во интервју за денешното издание на париски „Ле Монд“.
„Се плашам дека светот по пандемијата ќе наликува како претходно, но ќе биде полошо“, вели Ле Дријан.
„Се чини како да гледаме продлабочување на ломовите што со години го нарушуваат меѓународниот поредок. Пандемијата продолжува, со други средства, со борба меѓу силите“.
Американскиот претседател Доналд Трамп ги прекина исплатите на САД кон Светската здравствена организација (СЗО), обвинувајќи ја организацијата дека дејствува под влијание на Кина, земјата од каде потекна пандемијата.
„Ова повторно го доведува во прашање мултилатерализам“, рече францускиот министер за надворешни работи, потсетувајќи дека Соединетите држави веќе излегоа на бројни меѓународни организации, откако претседател е Трамп.
„Таа борба (меѓу светските сили) е систематизација на односите на силите што започна пред многу време, продлабочувајќи го кинеско-американското ривалство“, рече Ле Дријан.
Претседателот на САД кои се најпогодени од коронавирус ја обвинува Кина за „прикривање“ на скалата на пандемијата и не пријавување на точниот број на починати. Дипломатските тензии меѓу двете земји се повторуваат откако Доналд Трамп стана американски претседател на почетокот на 2017 година.
Ле Дријан жали за ширењето на „меѓународна конкурентност, дури и конфликт во сите области“, вклучително и во „областа за информации“ каде се натпреваруваат најголемите сили во тоа која од нив е подобра во управување со кризата од коронавирусот.
„Повлекувањето на САД кои „се чини дека се колебаат да ја преземат улогата на светски лидер“, ја комплицира „секоја заедничка акција во светската политика и ги охрабрува аспирациите на Кина тоа да станат“, кажа Ле Дријан.
„Како резултат на тоа, Кина се зајакнува до тој степен што може еден ден да се изјасни „Јас сум сила и водач““, нагласува Ле Дријан.
Во таа игра на суперсили, Европа го има своето место, таа мора да биде еден од лидерите наместо да се занимава со преиспитување како што тоа го прави во тековната здравствена криза, вели министерот.
Кина исто така треба да ја „почитува Европската унија, што не секогаш го прави “, а според Ле Дријан „понекогаш Пекинг игра на картата за поделби во Унијата“.
Министерот за надворешни работи на Франција во интервјуто појаснува и околу недозрабирањата на релација со Кина околу обвинувањата на персонал во дом за стари лица. Тој појасни дека го повикал кинескиот амбасадор во Франција затоа што персоналот на француските домови за стари лица бил „клеветен“ на интернет страницата на кинеската амбасада во Париз во контекст на кризата со Ковид-19.
„Не можам да прифатам дека персоналот на нашите Ехпад (сместувачки капацитети за зависни стари лица) да бидат клеветени од никого, вклучително и од кинеската амбасада. Јас го кажав тоа. Ние очекуваме да бидеме почитувани, бидејќи и Кина сака да биде почитувана. Имаме односи на дијалог и соработка, што не наведува да го кажеме она што мислиме, рече тој.
Во долг текст, јавува дописникот на МИА, објавен на 12 април на веб-страницата на кинеската амбасада во Франција, медицинскиот персонал на „Ехпад“ е обвинет дека „ги напуштил своите работни места во текот на ноќта (…) оставајќи ги своите станари да умрат од глад и болес “. Во овој текст под наслов „Исправки на искривените факти – набљудувања на кинески дипломат на функција во Париз“, западните земји се обвинети и за неправедно непочитување на Кина, откако ја нарекоа болеста „Ковид-19“ како „грипче“ на почетокот на епидемијата .
Жан-Ив Ле Дриан го повика на разговор амбасадорот Лу Шеи на 14 април за да го изрази своето „неодобрување“ за забелешките што не се „во согласност со квалитетот на билатералните односи“ меѓу Франција и Кина, појасни со комунике Кеј Д’Орсеј.
Пекинг веднаш одговори дека станува збор за „недоразбирања“ и негираше каков било „негативен коментар за начинот на кој Франција се соочува со епидемијата на коронавирусот.
Соочена со голем број критики, кинеската амбасада тогаш појасни дека всушност ја посочувала Шпанија, каде што армијата пронашла луѓе што починале во овој вид на институции на крајот на март. Но, употребата на акронимот „Ехпад“, малку користен надвор од границите на Франција, се сметаше како критика за старските домови во Франција. На крајот, реакцијата на Пекинг „овозможи да се отстрани какво било недоразбирање, инсистирајќи на потребата да се работи заедно во нов мултилатерализам“, рече францускиот министер за надворешни работи.




