Поставување на „демократски стандарди“ по американски модел е недемократско, истакна државниот советник и министер за надворешни работи на Кина, Ванг Ји во разговор со претставници на медиумите во Пекинг, пренесува агенцијата „Ксинхуа“.
Таканаречениот „Самит за демократија“, што лани го одржаа САД, исклучи, речиси, пола од земјите во светот. Тоа само по себе претставува напад на духот на демократијата и повторно одржување на таков „Самит“ би било непопуларно, рече Ванг на прес-конференција во кинеската престолнина.
„Човечката цивилизација, ако ја споредиме со градина, би требала да биде разнолично место во кое демократиите во различни земји цветаат како стотици цветови“, укажа тој.
Според Ванг, „мешање во внатрешни работи на други земји во име на демократијата само би наштетило на граѓаните на тие земји“.
„Поставување на сопствениот систем на пиедестал не е само спротивно на демократијата, туку претставува и катастрофа за демократијата“, додаде шефот на кинеската дипломатија.




