Нашата цел да најдеме решение коешто ќе биде позитивно и за Македонија и за Грција е постигнато со овој предлог пакет за „Република Илинденска Македонија“ изјави денеска вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.
„Министрите за надворешни работи договорија еден пакет кој што двајцата премиери начелно го потврдија. Она што беше нашата цел, а тоа е да најдеме решение коешто ќе биде позитивно и за Македонија и за Грција, сметаме дека е постигнато со овој предлог пакет. Не случајно премиерот вчера јасно порача дека сметаме дека пакетот којшто беше усогласен нуди шанса сите да излезат од овој процес како победници“ рече Шекеринска.
Република Илинденска Македонија е временска одредница која се поклопува со важни датуми од историјата и покажува дека Република Македонија ниту имала, ниту ќе има територијални претензии.
„ Сите елементи во решението одговараат и на очекувањата и на барањата во Македонија и во Република Грција. Тие даваат одговор на нашите национални и државни интереси и го заштитуваат нашиот идентитет“ кажа вицепремиерката која додаде дека Владата ќе продолжи да работи на решение и да гради пријателство, заради тоа што „овој пат навистина сме многу блиску“.
Во однос на коментарите дека сега нема повлекување од „ерга омнес“, Шекеринска потсети дека се работи со пакет решение кое, како што рече, не може да се дроби на парчиња.
„Од првиот момент до денес, и македонските и грчките преговарачи кажуваат дека или ќе договориме се или нема да имаме договор, дека пакетите се тие кои што не можат да бидат отворени и секој да си бира што сака, туку дека бараме решение кое што ќе даде одговор на сите прашања и кое ќе биде прифатливо за двете страни. Таков договор беше постигнат прво меѓу двајцата министри, а потоа начелната согласност беше дадена и од страна на двата премиери и тоа е пакет, кој не може да се дроби на парчиња“, рече Шеќеринска.
По коментарите од властите во Софија дека со предлогот „Илинденска Македонија“ земјава конечно прифатила дека има заедничко минато со Бугарија, Шеќеринска вели дека „ Македонија е единствената држава во Западен Балкан којашто го затвори целосно прашањето на своите граници и тоа не е случајно. Границите на нашата држава се познати, територијални претензии ниту ние имаме кон соседите, ниту гледаме територијални претенциии кон Македонија“.
Оваа недела министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција ќе имаат нова средба со медијаторот Нимиц.




