Партијата на Воислав Шешељ денеска одржа митинг во Белград на кој лидерот на радикалите Шешељ повика на консолидација во партијата како би ја освоиле власта на наредните избори. Тој повторно упати критики до претседателот Томислав Николиќ и премиерот Александар Вучиќ.
Симпатизерите и членовите на партијата со песна и маички со ликот на повратникот од Хаг го слушаа неговиот говор.
– Мораме да имаме јасен правец или кон Запад или кон Исток, истакна Шешељ и додаде дека западните земји повеќе пати ја имаат бомбардирано Србија и извршиле геноцид врз неговиот народ. Додаде дек Русија секогаш и била пријател на земјата.
Тој нагласи дека неговата партија сака што побрзо да се интегрира со Русите а не со ЕУ. Шешељ вели на земјата и треба нова економска политика.
– Мораме да го срушиме лобито за увоз, да ги заштитиме нашите производи и да и ја отвориме вратата на Русија, изјави тој.
Во однос на Хашкиот Трибунал тој рече дека „растурил“ во Холандија, образложувајќи дека е избркан поради дрскоста а не пуштен на слобода поради неговата здравствена состојба.
– Трибуналот им суди само на Србите кои добиваат големи затворски казни, додека муслиманите, Албанците и Хрватите се на слобода, потенцираше лидерот на Српската радикална партија во Белград.



