Хрватска не се согласува со оценките на српските политичари дека враќањето на Шешељ не е многу важно за политичката сцена.
Претседателот на Хрватска Иво Јосиповиќ најави дека ќе се обрати до Советот за безбедност на ОН за да предупреди за одлуката на Хашкиот трибунал да го ослободи привремено лидерот на Српската радикална партија.
– Подготвуваме настап со кој на Советот ќе му го презентираме проблемот и ќе побараме да преземе мерки во рамките на своите надлежности, рече Јосиповиќ.
Според хрватскиот претседател проблем лежи во идеологијата на Шешељ, која „како духот од шишето, со право ги плаши сите тие што знаат што се случи во 90-те години“.
– Мислам дека заедничка задача на сите, вклучително и на ЕУ и Србија, е тој дух да се врати во шишето и повеќе никогаш да не се залелее на овие простори, инсистира Јосиповиќ.
Од друга страна претседателот на судот на ООН, Теодор Мерон ја брани одлуката за времено ослободување на обвинетиот за воени злосторства, Воислав Шешељ, откако хрватското раководство, неговото ослободување, го оцени како неуспех за меѓународната правда.
– Јас отсекогаш сум верувал дека политичарите, верските и другите локални лидери, мораат, во своите општества, да бидат оние што ќе го забрзаат процесот на помирување, вели Мерон во својот одговор на писмото од Јосиповиќ.
По неговото ослободување, заради лекување во Србија, бидејќи боледува од рак, Шешељ, заедно со својата Српска радикална партија, одржа митинг во Белград, давајќи националистички изјави, што го разбеснеа Загреб.
Мерон рече дека ја разбира загриженоста на Јосиповиќ, во врска со влијанието што може да го има враќањето на Шешељ во Белград, каде што неговите поддржувачи го пречекаа како херој, но, потенцира дека привременото ослободување на националистичкиот лидер е оправдано.




