Европа се соочува со нов здравствен предизвик наречен мајмунски сипаници, вирус кој почна да се шири низ континентот. Според Светската здравствена организација (СЗО), стапката на смртност е меѓу три и шест отсто и против болеста не постои вакцина или специфичен третман во лекувањето.

Што се мајмунски сипаници?

Мајмунските сипаници, како што е наведено на интернет страницата на СЗО, се вирусна зооноза, односно вирус што на луѓето се пренесува од животни. Податоците на Центрарот за контрола и превенција на болести укажуваат дека мајмунските сипаници за првпат се појавија во 1958 година кај мајмуни, па затоа и името на болеста.

Случаите, пред сè, се изолирани, понекогаш минуваат во епидемија и се бележат во централна и западна Африка и во близина на дождовни шуми. Инфекцијата во Африка е забележана и кај глодари и примати.

Првиот случај кај луѓе е регистриран во 1970 година, кај дете во Конго и од тогаш најголем број од нив се пријавуваат во рурални и прашумски подрачја во Конго и во западна Африка, потсетува СЗО.

Првиот случај на мајмунски сипаници, надвор од африканскиот континент, беше пријавен во САД во 2003 година.

Симптоми

Периодот од инфекцијата до појавата на првите симптоми е од шест до 13 дена, но може да се движи и од пет до 21 ден. Клиничката слика на мајмунските сипаници потсетува на малите сипаници.

Болеста се манифестира низ две фази – период на инвазија и ерупција на кожата.

Првата фаза, која трае до пет дена, е проследена со треска, силна главоболка, отоци на лимфните јазли, болки во грбот и во мускулите, како и недостаток на енергија.

Во фазата која се нарекува ерупција на кожата се појавуваат осипи, најчесто на лицето и на екстремитетите. Осипите се претвораат во плускавци кои подоцна минуваат во лезии и краста. Бројот на лезии варира од две-три до неколку илјади, крастите се сушат и паѓаат. Тешките случаи на болеста се јавуваат главно кај деца.

Терапија

Вакцина, како и специфичен третман на лекување на мајмунски сипаници не постои, но истражувањата покажаа дека вакцината против големи сипаници е ефикасна до 85 отсто случаи на превенција на болеста.

Лекувањето подразбира ублажување на симптомите за да се спречат долготрајни последици. Пациентите со инфекцијата треба да земаат повеќе храна и течности.

Како се пренесува?

Инфекцијата ја пренесуваат заразени животни. Конзумирање на месо од заразени животни, исто така, претставува ризик.

Меѓу луѓетио се пренесува со близок контакт, преку лезиите на заразеното лице или предмет што го користело. Трансмисијата првенствено е преку аеросоли, наведува СЗО.

Научници во В. Британија, каде оваа година беше забележан првиот случај на мајмунски сипаници, велат дека вирусот не се пренесува лесно меѓу луѓе и дека не постои голем ризик од епидемија.

Превенција

Кога болеста ќе избие кај луѓе, најзначајна превенција е избегнување на контакт со заразеното лице, препорачува СЗО.

Заразеното лице треба да е во изолација. При контакт со такви лице, потребни се заштитни ракавици и маска и редовно миење на рацете.

Каде избија мајмунските сипаници во 2022 година? 

Првите случаи на мајмунски сипаници беа забележани на 7 мај во Велика Британија. Првиот пациент со вирусната инфекција патувал во Нигерија, каде се верува дека се инфицирал пред да се врати во В. Британија. Но, вирусот почна да се шири низ светот.

До 19 мај, случаи на мајмунски сипаници се пријавени и во САД и Канада, а денеска и во Австралија, Франција, Италија, Германија и во Шведска.