„Новата грчка Влада е силно поддржана од народот. Имам доверба дека таа ќе ги спроведе неопходните мерки и ќе ги исполни ветувањата“.
Ова го истакна германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле во интервју за весникот „Билд ам зонтаг“.
– Да владееш значи да се соочиш со реалноста, вели Шојбле.
Германскиот министер сепак повика на време за грчката влада, но ја предупреди и Атина дека мора да се придржува на условите кои ги поставија министрите од еврозоната.
Претходно грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис изјави дека Атина ќе го постави за приоритет исплаќањето на долгот кон Меѓународниот монетарен фонд.
Тој додаде дека исплаќањата кон Европската централна банка се во „друга лига“ и можат да бидат подложени на дискусија со кредиторите.




