Како што соопшти прес-службата на бугарскиот претседател Румен Радев, тој на германскиот канцелар му рекол дека Северна Македонија требало да ги почитува и Копенхашките критериуми меѓу кои се човековите права и недискриминацијата. Тоа се услови што земјава требало да ги исполни пред почетокот на преговорите за членство во ЕУ, му рекол Радев на Шолц.
Радев инсистирал кај Шолц Европската унија да биде гарант за почитување на правата на македонските Бугари во Македонија.
„Потребни се јасни механизми и мерливи критериуми за следење на преговарачкиот процес, што ќе доведе до одржливост во исполнувањето на критериумите за членство на Северна Македонија. Бугарскиот претседател ја истакна и важноста од зачувување на бугарското културно и историско наследство во РСМ“, се наведува во соопштението од кабинетот на Радев.