Шпанската судијка Кармен Фрикадел сионоќа издаде меѓународен налог за апсење на разрешениот каталонски претседател Карлес Пучдемонт, еден ден откако беа притворени осум поранешни члена на екс владата на регионот.
Пучдемонт се наоѓа во Брисел кадешто замина во понеделникот со четворица од неговите сменети министри.
Белгискиот адвокат на Пучдемонт изјави дека неговиот клиент нема бара политички азил.
Пучдемонт во четвртокот беше повикан да се појави во националниот суд во Шпанија за да сведочи во врска со можните обвиненија за “бунт”, “непослушност” и “финансиска злоупотреба” но тој изјави дека ќе се врати во Шпанија само ако му се понудат гаранции дека судскиот процес со кој ќе се соочи ќе биде фер.
Сега, белгиски суд ќе одлучува за понатамошната судска судбина на Пучдемонт. Доколку тој прифати да се врати во Шпанија тоа треба да се случи во рок од десет дена.
Синоќа Пучдемонт даде 20-минутно интервју за белгиската национална телевизија РТБФ. Рече дека не бега од правдата и ќе се појави пред независен судија но не и шпански. Тој изјави дека не му верува на шпанското судство но дека има целосна доверба во белгискиот судски систем и верува дека тој ќе ја донесе вистинската одлука.
„Ќе одам пред суд, пред вистински суд. Им реков на моите адвокати да им пренесат на белгиските судски власти дека сум целосно подготвен да соработувам“, рече тој.
Пучдемонт во интервјуто изјави дека шпанското судство е „очигледно политизирано“ и изрази желба да учествува на предвремените избори закажани за 21 декември.
„Подготвен сум да бидам кандидат на тие избори“, најави тој и додаде дека може да води кампања каде и да се наоѓа бидејќи како што истакна „се наоѓаме во глобализиран свет“.
Пучдемонт сака овие избори да поминат во „најдобри можни услови“ , но нагласи дека тие избори нема да бидат „неутрални, независни и нормални со влада во затвор“.
Во меѓувреме во Каталонија се множат протестите за поддршка на разрешената влада а протести се закажуваат и во повеќе европски градови. Во средба е закажан генерален штрајк во Каталонија а за 12 ноември е предвиден голем протест.




