Со префрлање на вината врз „глодарите од минатото“ и ширење лажен шпионски и медиумски шум, власта ја крие реалноста од НАТО сојузниците.
Наместо транспарентна институционална разрешница и сериозен безбедносен одговор на НАТО-членка, јавноста во земјава е сведок на координирана операција за медиумско придушување, дефокусирање и политичка манипулација со т.н. „шпионска афера“ во Претседателскиот кабинет.
Анализата на медиумскиот простор и јавните настапи на највисоките функционери во деновите непосредно по избивање на аферата, ја открива класичната матрица на информациски манипулации и политичка контрола на штетата. Во моментов сведочиме на свесно „убивање“ на автентичната приказна за рускиот безбедносен пробив преку креирање информативен шум, а институциите кои имаат законска обврска да дадат одговори, едноставно, молчат.
Двоен безбедносен предизвик
За целосно разбирање на оваа афера, неопходно е да се деконструира двојниот безбедносен предизвик со кој се соочува државата. Овој шпионски скандал во Претседателскиот кабинет е веројатно само еден од многуте. Постојат сериозни индиции дека оваа, но и други сè уште неоткриени шпионски операции, се директно таргетирани кон нашата одбрана и виталните безбедносни структури на НАТО-алијансата, што ја прави заканата исклучително опасна на оперативно ниво.
Што се однесува до политичката сфера, парадоксот е уште поголем. Таму нема потреба од класична шпионажа. Владата на Христијан Мицкоски е во целосна стратешка усогласеност со интересите на Москва и Белград. Кога во самата Влада како вицепремиер седи Иван Стоиљковиќ, кој функционира како отворена руска инсталација во извршната власт (а воопшто не е единствениот), тогаш проруските структури немаат потреба да шпионираат во кулоарите на Илинденска. Тие се наоѓаат на позиции од каде што директно ги креираат државните политики и ја носат земјата во насока соодветна за геополитичките цели на Кремљ.
Еден наш колумнист оди и подалеку:
„Всушност, владата и не креира политики, туку Москва преку Белград ги креира политиките на владата“, ми напиша тој утрово.
Притоа, вели, не треба да се заборави и улогата на администрацијата на Доналд Трамп, чии потези често се на иста линија со интересите на Кремљ.
Што се однесува до шпионската афера, се работи за своевиден хибриден парадокс. Од една страна се крадат доверливи НАТО податоци преку инфилтрирани техничари, а од друга страна целата држава се турка кон Исток преку официјални владини политики на „гордост“ и „црвени линии“. Ако ги погледнеме настаните и изјавите во овој контекст, тогаш веќе не е чуден напорот за итно „убивање“ на оваа шпионска сторија.
Заматување на водата: Сите шпионираат, само Русија не се спомнува
Токму затоа, во дел од провладините интернет-медиуми наеднаш се појави координирана операција за манипулација со фактите. Со повикување на наводни признанија на самите странски служби, овие портали почнаа да пласираат детали за инволвираност на турски, француски, српски разузнавачки служби, сите можни и неможни актери, освен оној од каде што реално потекнува безбедносниот пробив: Руската Федерација.
Оваа намерна диверзификација на вината ги има сите карактеристики на хибридна тактика на „заматување на водата“ (на англиски е уште попрецизен изразот: weaponized obfuscation).
Целта е да се преплави јавноста со информативен шум за „сеопшта шпионажа“, небаре Скопје е балканска Казабланка. Со тоа се релативизира специфичната и критична тежина на рускиот пробив во дигиталната инфраструктура на Врховниот командант.
Кога „сите шпионираат“, тогаш руското влијание престанува да биде изолиран безбедносен проблем.
Мицкоски излезе со „решение“ во еден потег
Истовремено со медиумското дефокусирање, премиерот Мицкоски ја презеде улогата на политички егзекутор на приказната. Тој го реши случајот со еден потег – ги припиша сите наводи што кружат во јавноста за инволвираност на високи функционери (блиски до него) во шпионската афера на личности и структури од „минатото“.
Не понуди аргументи и факти за овој став. Не кажа дека владата и институциите гарантираат законита, итна и независна истрага за шпионскиот пробив во кабинетот на Гордана Сиљановска Давкова. Ништо од тоа.
Мицкоски настапи со дехуманизирачки вокабулар. Тој кажа дека се работи за „шпионски талог“ и „глодари од минатото“. За сите прашања се одговорни исклучиво претходните политички гарнитури.
Прашањето дали има истрага за „глодарите од минатото“ останува неодговорено. Јавниот подиум со начичкани микрофони и камери околу премиерот се единствената судница – тој тужи, суди и пресудува. Ако нешто и не почнало со него, сигурно завршува со него.
Со ваквиот пристап на власта и послушните медиуми се постигнуваат две цели, најмалку. Се амнестира актуелната власт од било каква одговорност за пропустите во шпионската афера во кабинетот на претседателката, тоа е првата цел. Истовремено, една врвна безбедносна закана се сведува на ниво на обична меѓупартиска кавга. Последица од тоа е замор и одбојност кон темата во јавноста. И така, сите можат да продолжат со животот, среќни и весели. И шпионирани.
Експертите предупредуваат: Доцнењето и институционалниот молк претставуваат реален безбедносен, но и политички ризик
Наспроти обидите за минимизирање, експертите во изјавите за ЦИВИЛ Медиа децидно предупредуваат дека случајот е критичен. Ако се сумираат експертските ставови што се дел од мониторингот и истражувањата на ЦИВИЛ, ќе дојдеме до заклучокот дека доцнењето и институционалниот молк претставуваат реален безбедносен, но и политички ризик.
Меѓу експертите кои говореа за медиумската платформа на ЦИВИЛ е проф. д-р Оливер Андонов. Тој предупредува дека погрешното водење на постапката и нејзиното партиско контаминирање директно го урива кредибилитетот на државата пред НАТО сојузниците, каде што довербата во ракувањето со класифицирани информации е темел на партнерството.
Проф. д-р Александар Иванов ја деконструира тезата дека позицијата на ИТ-администраторот е маргинална, нагласувајќи ја контраразузнавачката цена на секое доцнење. Тој вели дека „во дигиталната форензика времето е сè“. Според него, „секое доцнење и институционален молк овозможуваат автоматско презапишување или намерно криптирање и бришење на системските логови и трагите од неовластениот пристап“.
Но експертите зборуваат и пишуваат, а шпионскиот караван си врви.
Институционалниот молк не може да биде параван за реалноста
ЦИВИЛ се обиде да добие одговори од најрелевантните институции. Наиде на молк. Освен бучната реторика на премиерот и медиумското „заматување“ кои се видливи во јавната комуникација, остануваат придушени обидите да се дојде до реалната слика за тоа што ни се случува и што може и мора да се направи за да се спречи компромитација на безбедноста и одбраната на земјата. На прашањата испратени на 21 мај до Кабинетот на Претседателката Сиљановска-Давкова, Владата и Јавното обвинителство сè уште нема одговор.
Само Агенцијата за разузнавање (АР) одговори експресно на прашањата од ЦИВИЛ, но избра филтриран пристап. Одговори само на едно од трите прашања, без да го елаборира поширокиот безбедносен контекст.
Опозицискиот лидер, Венко Филипче, пак, во изјава за медиумите, директно го прозва вицепремиерот Стоиљковиќ за врски со српските служби и руските „Ноќни волци“, карактеризирајќи го ова како „концепт на оваа власт“. Партијата на власт која не пропушта можност веднаш да му одговори на опозиционерот Филипче, овој пат реши да премолчи.
Координираниот напор приказната да се „убие“ преку медиумски инженеринг со измислување други разузнавачки служби, премиерски деградации и институционален ѕид од молк, јасно покажува дека вистината за овој безбедносен пробив ја соголува самата природа на владеењето.
Манипулацијата со фактите и систематското елиминирање на рускиот контекст од провладините наративи е аларм сам по себе. Молкот не може да служи како параван за реалноста. Кога-тогаш, мораме да се соочиме со неа. Ако продолжат манипулациите и молкот, соочувањето ќе биде брутално. Не смее да се дозволи пропагандата и хибридните закани да бидат партиски затрупани.
Јавноста има право да знае. Граѓанките и граѓаните имаат право да живеат во безбедна држава. Владините кабинети немаат право да кројат политики со кои државата му се испорачува на Истокот.
Текстот е сопственост на ЦивилМедиа.мк





